Оваа сезона Милан не успеа да ја одбрани титулата шампион на Италија, но успеа да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите и уште еднаш избори учество во елитното европско натпреварување.
Сепак, ситуацијата во клубот не е толку добра.
Како што пренесува „Скај Спорт“, одржан е состанок меѓу спортскиот директор Паоло Малдини и раководството на клубот, кој не поминало најдобро.
Уште порано се знаеше дека сопствениците не се задоволни од Малдини, а сега на состанокот имале сосема различни ставови за насоката во која треба да се развива славниот италијански клуб.
Како што пишуваат италијанските медиуми, можно е да попуштат сопствениците, но и Малдини да го напушти клубот.
Минатото лето Милан немаше добар преоден рок. Пристигнаа Де Кателаре од Клуб Бриж и Ориги од Ливерпул, а и двајцата се покажаа како големи трансферни промашувања.
Сепак, претходните преодни рокови беа ремек-дела на Малдини, во кои пристигнаа Рафаел Леао, Мајк Мањан и Оливие Жиру, кои денес се основата на тимот.