Белгиските медиуми, во понеделникот, пласираа сензационална вест, поврзана со ѕвездата на рома, Раџа Наинголан. Имено, според нив, овој фудбалер нема да биде меѓу фудбалерите што ќе ги бранат боите на Белгија на Светското првенство во Русија.
Белгискиот селектор, Роберто Мартинез е единствениот од предводниците на националните тимови што ќе учествуваат на мундијалот, што се уште не го објавил ниту поширокиот список на фудбалери.
Крајниот рок за доставување на спискот од 35 фудбалери до ФИФА е 23.мај, а селекторите конечните списоци, со 23 играчи, мора да ги достават најдоцна до 4.јуни.
Мартинез, кој минатата недела го продолжи договорот со Фудбалскиот сојуз на Белгија до 2020 година, според медиумите во оваа земја, во понеделник или најдоцна во вторник, ќе го објави конечниот список.
Според тие извори на тој список нема да се најде името на Наинголан. Новинарите тврдат дека неспортскиот животен стил е причината поради која Мартинез го пречкртал Наинголан.
Играчот на Рома не крие дека ужива во цигарите и алкохолот.
„Мартинез смета дека Раџа е „десетка“, а не „бокс ту бокс“ играч од средниот ред што може да покрива најголем дел од теренот.Белгија ќе игра во формацијата 3-4-3, без класична „десетка“, бидејќи тука е Де Брујне, кој е модерен плејмејкер. Покрај ова, селекторот не е фан на Наинголан бидејќи не може да ги откаже цигарите“, рекол новинарот Кристоф Тереур.
Интересно, неодамна Наинголан изјавил дека ова му е последната шанса да заигра на СП, бидејќи не беше во репрезентацијата во пред четири години во Бразил, а веќе има 30 години.
Белгиските медиуми тврдат дека на неговото место во Русија ќе патува Маруан Фелаини од Манчестер јунајтед.