Илија Несторовски, преку медиумите ѝ се извини на јавноста, за скандалот што го предизвика во текот на натпреварот со Лихтенштајн. Несторовски реши да ѝ се извини на јавноста, а селекторот Игор Ангеловски, откако ја погледал снимката решил да го казни напаѓачот на Удинезе.
Несторовски, постигна гол од пенал, а го прослави со пцуење во камерата. На социјалните мрежи објасни дека навредата била наменета за три личности, кои три дена го навредувал него и неговото семејство.
„Секако, се извинувам на секој што сметаше дека зборовите се упатени на јавноста. Не се упатени нa јавноста, но како што веќе реков, на одредени луѓе. Не го направив тоа под притисок од публиката или од резултатот, туку го направив со ладна глава. За мене, Македонија е над сè! Јас гордо ја носев лентата како Македонец во Хрватска и Италија, и сите знаете што значи тоа! Отсекогаш сум бил на располагање на репрезентацијата, така ќе биде и сега. Кога резултатите не беа најдобри, менував четири авиони од Сицилија за да бидам дел од едно едно вакво семејство. Секогаш ќе биде така, и каква одлука и да донесе селекторот, секако дека ќе ja прифатам. Уште едно извинување и напред Македонија“, се извини напаѓачот на Удинезе.
Селекторот Ангеловски, поради непримерниот гест го отстрани Несторовски од националниот тим за мечот со Германија.
“Бидејќи вчера на прес-конференцијата кажав дека од кога ќе ја погледнам снимката ќе ја коментирам ситуацијата со Несторовски сакам да и го соопштам на јавноста следното: Најнапред драго ми е што се извини и што даде свое објаснување зошто го направил тоа, но такво однесување од репрезентативец не може да помине несанкционирано, затоа е ослободен од обврските за следниот натпревар со Германија“, рекол селекторот за интернет страницата на ФФМ.