Новиот селектор Благоја Милевски имаше неубедлив старт на клупата на Македонија, откако во Скопје пред неколку илјади гледачи не успеавме да ја „скршиме“ одбраната на Ерменците, задоволувајќи се со 0:0 реми, додека во исто време директните ривали за пласман на СП во 2022, Германија и Романија забележаа гостински победи.
По настапот на Европското првенство, „рисовите“ ги чека предизвик да се квалификуваат и на Мундијалот во Катар следната година, но Ерменците успеаја да ни постават „сопка“ на тој пат по двете пролетни победи кои го кренаа ентузијазмот.
Македонската репрезентација имаше поголем посед на топката и контрола на играта во првото полувреме, но Ерменците неколку пати имаа одлични шанси од контра.
По обидот на Елиф Елмас на стартот на мечот, Димитриевски мораше да реагира пред Адамјан во 23. минута од мечот, а репрезентативниот голман се покажа на висината на задачата и во 27. минута кога спречи опасна акција на Адамјан. Елмас имаше уште една шанса, а и Александар Трајковски беше неефикасен во финишот на полувремето.
Германците, пак, во својот прв меч под водство на новиот селектор, Ханси Флик беа многу неубедливи, победувајќи ги Лихтенштајн само со 0:2. Неочекуван спасител на „маншафт“ беше Тимо Вернер, кој во 41. минута беше прецизен, за Лирој Сане во 77. минута да стави точка на сите надежи за сензација на Лихтенштајн.
Романците стигнаа до импресивна 2:0 победа на гости кај Исланд (нашиот следен противник), благодарение на головите на Денис Ман (47) и Николае Станчиу (83.). Ерменците со поенот го заддржуваат врвот на табелата со 10 поени, пред Германците со 9, Македонија со 7 и Романија со 6 поени.
СП 2022 КВАЛИФИКАЦИИ, ГРУПА Ј
Македонија – Ерменија 0:0
Лихтенштајн – Германија 0:2
Исланд – Романија 0:2
Фото: ФФМ
Графика: Sofascore за Топспорт.мк