Доколку заигра вечерва во квалификацискиот натпревар за пласман на ЕУРО 2024 против Исланд, Кристијано Роналдо ќе стане првиот фудбалер во историјата кој стигнал до 200 настапи за националниот тим.
Роналдо дебитираше за Португалија пред точно 20 години, кога на натпреварот против Казахстан го замени Луис Фиго.
Славниот Португалец е на врвот во машка конкуренција по бројот на голови за националниот тим. Тој постигна 122 и има 13 повеќе од легендарниот Иранец Али Даеи.
Иако е сам на врвот во машка конкуренција, Роналдо никогаш нема да го собори апсолутниот рекорд.
Дури 26 фудбалерки имаат повеќе од 200 настапи за националните тимови, а апсолутен рекордер е Кристин Лили, која има 354 настапи во дресот на САД од 1987 до 2010 година.
Втора на листата е Кристин Синклер (40) со 323 настапи за Канада. Синклер може да ја зголеми оваа бројка бидејќи се уште игра за националниот тим.
Зад Роналдо на европската листа се: Шпанецот Серхио Рамос (180), италијанската легенда Џанлуиџи Буфон (176), шпанскиот голман Икер Касилјас (167), односно Хрватот Лука Модриќ и Летонецот Виталијс Астафјевс (166).