Неколку невладини организации апелираа до фудбалската репрезентација на Аргентина и до Лионел Меси да се откажат од пријателскиот натпревар во Ангола откако 30 лица загинаа во протестите во Луанда минатиот месец. Пртестите се одржаа против зголемувањето на цените на горивата.
Анголската фудбалска асоцијација неодамна објави дека Аргентина треба да биде гостува во Луанда во ноември во чест на 50-годишнината од независноста на таа јужноафриканска земја. Сепак, Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) сè уште не потврди дека натпреварот ќе се одржи.
Во отворено писмо упатено до АФА, националниот тим и добротворната организација Фондација Лионел Меси, четири граѓански организации ги обвинија властите на Ангола за „систематска репресија“.
Организациите, исто така, повикаа на откажување на натпреварот откако 30 лица загинаа минатиот месец во протестите против зголемувањето на цените на горивата.
„Инвестирањето милиони долари во спортски настан додека илјадници луѓе страдаат од глад, додека болниците се уриваат, а репресијата се зголемува не е легитимен приоритет, тоа е навреда на човечкото достоинство“, осудуваат овие организации, повикувајќи го Меси да направи „храбар, етички и хуманитарен чин“, барајќи откажување на овој натпревар.
Ангола е еден од водечките производители на нафта во Африка, но околу една третина од населението од речиси 38 милиони живее во сиромаштија, според податоците на Светската банка.