Напаѓачот на Евертон, Умар Ниасе вели дека неговиот борбен дух на теренот доаѓа поради неговото потекло, односно бидејќи научил да игра фудбал на улиците на Уакам во Дакар.
Сенегалскиот репрезентативец дојде во Евертон од Локомотив Москва за 16 милиони фунти во јануари 2016, но имаше лош старт, откако беше позајмен шест месеци на Хал минатата сезона.
Оваа сезона пак, кам-бекот на „Гудисон парк“ тој го одбележи со пет гола во последните осум натпревари. Тој вели дека неговата игра е слична на таа на Карлос Тевез.
„Кога имате 16 години, обично ве учат како да ја контролирате топката и каде да трчате, но јас го немав тоа. Научив да играм на улиците. Но, тоа ми помогна да се борам. Јас не сум некој кој се угледува на играчи како Денис Бергкамп или Карим Бензема. Тоа е премногу технички. Го сакам Тевез и тој ми беше идол поради борбеноста на теренот. Да, и тој е техничар, но знае да се бори на теренот. Тоа ми помага таму. Трчам до крај. Не се предавам лесно“, вели Ниасе.