Репрезентативците на Нигерија, блескаат на Африкански куп на нации и, како што играа досега, се меѓу првите фаворити за титулата заедно со домаќинот Мароко.
„Супер орлите“ одлетаа во четвртфиналето со четири последователни победи, три во групата, а потоа и убедливи 4:0 на почетокот од нокаут фазата, против Мозамбик.
Сепак, кога требаше да заминат од Фез за Маракеш, Виктор Осимен, Адемола Лукман, Алекс Ивоби, Вилфред Ндиди, Самуел Чуквезе и други изјавија дека не одат никаде додека Фудбалската асоцијација не ги исплати бонусите за победите во првиот дел од турнирот.
„Играчите и тренерскиот штаб на нигериската репрезентација сè уште чекаат на исплатата на бонусот за АКН 2025. Бонусите за победите во четирите натпревари – против Танзанија, Тунис, Уганда и Мозамбик – сè уште не се исплатени. Тимот е сè уште фокусиран, но нема да тренира ниту да патува во Маракеш во четврток доколку ова прашање не се реши“, објавува новинарот на порталот „Nigeria Stories“.
Научени од претходните искуства, дека на играчите никогаш не им се исплаќаат бонуси откако тимот ќе се врати од турнирот, Нигеријците поставија ултиматум – или исплата на бонусите или нема да го играат натпреварот со Алжир, на 10 јануари во 17 часот.
Дотогаш има доволно време претседателот на Федерацијата, Ибрахим Муса Гусау и неговите соработници да ги измират своите обврски кон репрезентативцие.
