Лондонски Челси одлучи аргентинскиот напаѓач, Гонзало Игуаин по финалето на Лига Европа против Арсенал во Азербејџан да му го врати на Јувентус, пишува „Дејли мејл“.
Лоша сезона е зад искусниот Аргентинец. Тој на почетокот на сезоната од Јуве беше пратен на позајмица во Милан, а од Милано се најде во Лондон, кај Маурицио Сари. Сепак, голгетерот во двата клуба вкупно постигна 13 гола, убедливо најмалку во последните 8 сезони. Во Челси на 21 меч постигна само 5 гола.
Логично зошто „сините“ не сакаат да задржат во тимот играч чија цена е околу 35 милиони евра. Лошата вест за Игуаин е што нити кај„Старата дама“ нема место за него, па најверојатно ќе оди на нова позајмица.
Аргентинскиот напаѓач му беше понуден претходно и на Интер, како замена со доплата за Икарди, но „нероазурите“ ја одбија понудата.
Не е чудо Јувентус да го отстапи „Пипита“ и без обесштетување само да не мора клубот од Торино да му плаќа 7.5 милиони евра годишна плата.