Каталонскиот весник „Спорт“, во денешното издание носи една интересна анализа, која се однесува на бројот на повредите што во кариерата ги доживеал играчот на Барселона, Томас Вермален.
Статистиката на весникот покажува дека Вермален во досегашната кариера, поради повреди, пропуштил 240 натпревари.
Од моментот кога Белгиецот наполнил 20 години, па до денес, тој се соочил со 27 различни повреди. Прв пат тој бил повреден во февруари 2007 година, кога пропуштил десет натпревари.
Во дресот на Барселона, Вермален, од 2014 година со денес пропуштил 104 натпревари, од 2009 до 2014 не настапил на 88 натпревари за Арсенал, во сезоната 2016/2017 поради повреда отсуствува на 17 натпревари додека бил член на Рома, а во Ајакс од 2003 до 2009 година не играл на 31 натпревар.
Вермален, беше во тимот на Барселона во саботата против Валјадолид (1:0), а наредниот ден клубот објави дека тој ја обновил повредата на бутниот мускул, на десната нога.