Top Sport

Ним на Стојановски нема да испадне од Лига 1

Фудбалската сезона во Франција заврши вчера откако премиерот Едуар Филип изјави дека колективни спортски активности нема да има до септември.

Како ќе изгледаат табелите, односно како ќе биде применет правилникот за испаѓањето од Лига 1, односно промоцијата од Лига 2 во најсилната конкуренција појаснил првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Франција Ноел Ле Грет. Тој појаснил дека шампионската титула за сезоната 2019/2020 нема да биде доделена.

„Треба само да го примениме правилникот. Два тима ќе испаднат од Лига 1, два тима од Лига 2 ќе влезат во елитното друштво. За да ја одредиме табелата ќе се земат резултатите до 27 коло. Сега приоритет ќе ни биде да се одигра финалето на Купот помеѓу ПСЖ и Сент Етиен“, рекол Ле Грет.

Ова значи дека во Лигата на шампионите ќе играат ПСЖ и Марсеј, а во квалификациите ќе оди Рен. Загарантирано место во лига Европа има Лил. Доколку не се одигра финалето во Купот тогаш во Лига Европа ќе играат покрај Лил и Лион односно Монпелје. Овие два тима по 27 кола се наоѓаат на петтото и шестото место на табелата.

Од Лига 1 според пласманот ќе испаднат Амиен и Тулуз што значи дека Ним, кој се наоѓа на 18 место, на македонскиот репрезентативец Влатко Стојановски ќе се спаси од испаѓање.

Од Лига 2 во Лига 1 пласман ќе изборат Лориен и Ленс.

Scroll to Top