Бразил е во аут! Во меч со висок квалитет на две репрезентации кои сигурно требаа да се сретнат понатаму на шампионатот, Белгија стигна до импресивна 2:1 победа и го елиминираше последниот јужноамерикански тим во Русија – сите преостанати доаѓаат од Европа.
Белгија сега ја чека уште еден супер-меч, дуелот со сега најголемите фаворити за титулата, Французите, кои претходно го совладаа Уругвај. Во другата страна на ждрепката утре ќе се дознаат полуфиналистите – Хрватска игра со Русија, а Англија со Шведска.
Мечот почна со високо темпо и Бразилците веќе во седмата минута имаа удар во дирекот – Нејмар нафрлува од левата страна, а Тијаго Силва од три метри само во стативата. Белгијците враќаат веќе во следната минута, откако Лукаку имаше добра асистенција за Чадли, кој шутира од работ на шестнаесетникот, но само покрај голот.
Габриел Жесус во 10. минута се проби низ белгиската одбрана , и додава до Паулињо, кој шутира само во блокот. Паулињо веќе во следната минута по еден корнер беше блиску до голот.
Во 13. минута „студен туш“ за Бразил. По корнерот на Шадли, Фернандињо со рамото си постигнува автогол. Бразил враќа со две шанси во 15. минута, кога Вилијан има одличен шут, и во 20. минута кога Кутињо од 20-тина метри го погодува само голманот Куртоа.
Во 32. минута, Белгија поведува со 2:0 откако Кевин де Бројне со одличен удар од 20 метри го совладува Алисон Бекер, откако претходно Лукаку имаше одличен продор.
Бразил во 37. минута беше многу блиску до гол откако прво Марсело нафрлува, а Куртоа одбива во корнер. До крајот на полувремето, Винсен Компани имаше шанса да постигне ефективен гол со петица.
Бразилците влегоа во директен напад на почетокот на второто полувреме, кога прво Фирмино во 52. минута за малку го промашува голот, а во 54. минута има одличен обид и Паулињо. Бразилците бараат пенал во 55. минута, кога Компани го соборува Жесус во шестнаесетникот. Српскиот судија Милорад Мажиќ бара интервенција на ВАР, но нема ништо од пеналот.
Во 76. минута, нововлезениот Ренато Аугусто носи надеж за Бразилците, откако добива фантастична топка од Филипе Кутињо, а тој го совладува немоќниот Куртоа. Белгија влегува во тешка дефанзива во последните минути, дозволувајќи Бразил да направи „опсада“ на нивниот гол.
Шансите за Бразил како на филмска лента – во 77. минута Кутињо добива топка во шестнаесетникот од Нејмар, но шутира над голот, во 81. минута Ренато Аугусто повторно беше во шанса, за во 4. минута, Кутињо повторно да утне добра шанса.
Во последните минути, Нејмар за малку ќе го совладаше Куртоа, чии брзи рефлекси ги спасија Белгијците.