Top Sport

Ниту Бразил не стартуваше со победа, цврстата Швајцарија како „столб“ (видео)

По ремито на Шпанија и Аргентина, и поразот за Германија, уште еден фаворит за освојување на титулата во Русија не успеа да го стартува Мундијалот со победа. Бразил беше задржан од цврстата Швајцарија за само 1:1 по 90 минути на стадионот во Ростов.

Швајцарците од почетокот на мечот го имаа на „мета“ Нејмар, не дозволувајќи му на најскапиот фудбалер на светот да се разигра со повеќе фаули уште во првите 10 минути.

Во 11. минута, Нејмар го проигра Паулињо, кој лошо реагираше во сигурна шанса за гол. Габриел Жесус во 17. минута се закани, но Зомер беше сигурен на голот, пред во 20. минута, Филипе Кутињо да прати вистинска „бомба“ од 20-тина метри и да донесе водство за „селесао“ со еден од најубавите голови досега на Мундијалот.

До крајот на полувремето, Бразилците малку го намалија притисокот, иако Тијаго Силва со глава се закани во 47. минута.

Само што почна второто полувреме, Швајцарците покажаа зошто се шесторангирана репрезентација на светот, откако по корнерот на Шаќири, Цубер прво го истурка Миранда а потоа со глава го совлада Алисон. И покрај протестите на Бразилците, голот беше признат.

Во 70. минута Нејмар прати одлична топка до Кутињо, кој веднаш се ослободи од Лихтштајнер, пред да шутира покрај голот. Јужноамериканските фаворити постојано беа во напад во последните 20-тина минути од мечот, но без многу вистински шанси. Роберто Фирмино и Фернандињо од клупата се обидоа да внесат мала свежост, но и тоа беше недоволно.

Фото: ЕПА

Scroll to Top