Лука Модриќ ја освои наградата за најдобар фудбалер на Светското првенство во Русија, и е еден од фаворитите за „златната топка“ оваа сезона. Њукасл јунајтед сметале дека тој е „премногу лесен“ за Премиер лигата и одбиле да потпишат договор со него.
Во новата биографија на поранешниот тренер на Њукасл, Кевин Киган, напишана со новинарот Даниел Тејлор се открива дека „свраките“ имале шанса да потпишат со хрватскиот гениј пред тој да потпише за Тотенхем, но дека тој не им изгледал перспективен.
„Киган организираше состанок со агентот на Лука Модриќ, за да го донесат еден од најталентираните фудбалери во Европа, тогаш само на 22 години, но Тони Хименез сметаше дека е поумен. Имаше блиску до договор, но според Киган, Хименез се сврте кон агентот и му порача дека тој е премногу лесен да игра за клуб со амбиции како Њукасл. Потоа дојде веста дека Модриќ игра за Тотенхем, освои европски титули со Реал Мадрид и стана најдобар фудбалер на СП во Русија“, вели Тејлор во колумна за „Гардијан“.
Хименез беше потпретседател на Њукасл одговорен за ангажирање на фудбалери под претходните сопственици на клубот од северот на Англија, а сега го тужи сопственикот на тимот Мајк Ешли околу вили во Франција, за кои тој тврди дека се негови, а клубот дека се во сопственост на Њукасл јунајтед.