Top Sport

Нојер во одбрана на Озил: Тој секогаш сакал само да игра фудбал и да се забавува

Голманот на Баерн Минхен и на германската репрезентација, Мануел Нојер застана во одбрана на својот поранешен репрезентативен колега, велејќи дека тој секогаш сакал да игра фудбал и да се забавува на теренот.

Озил се повлече од „маншафт“ по елиминацијата во групната фаза на Светското првенство во 2018 година во Русија, велејќи дека во репрезентацијата владее „расизам и непочитување“ со зборовите: „Јас сум Германец кога ќе победиме, но имигрант кога ќе загубиме“. Нојер беше еден од неколкуте фудбалери кои демантираа дека има расизам во тимот, но сега го брани Озил.

„Имавме фантастични години заедно и тој секогаш сакаше да се забавуваме и да играме фудбал. Работите кои се случуваа надвор од теренот не беа секогаш толку среќни“, вели Нојер.

Озил беше мета на расистички напади по Мундијалот, а исто така беше под огромни критики за средбите со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. Тој и Нојер беа дел од фудбалската академија на Шалке и играа еден покрај друг во средно училиште, пред во 2014 да го кренат трофејот од Светското првенство.

„Знаеме што се случува на трибините. Тоа е различно од коментарите на социјалните мрежи. На стадионот, позитивните и негативните емоции се дел од искуството, но на социјалните мрежи е сосема поинаков свет“, додава Нојер.

Scroll to Top