Минхен, синоќа во пензија го испраи еден од најголемите фудбалери што го носеле дресот на славниот Баерн. Бастијан Швајнштајгер, на „Алијанц арена“ го одигра последниот меч во кариерата и официјално замина в пензија.
Претходните три дена во Минхен минаа во знакот на Швајнштајгер, а целиот настан кулминираше со синоќешниот натпревар помеѓу Баерн и Чикаго. Швајни одигра по едно полувреме за двата тима, а во 83.минута постигна гол и ги постави конечните 4:0 за Баерн.
Претходно, Швајнштајгер доби орден за посебни заслуги што го доделува претседателот на Баварска.
Швајнштајгер најголем дел од кариерата мина во Баерн (2001-2015), во летото 2015 година се пресели во Манчестер јунајтед, а по две години минати во Англија замина преку Атлантикот во Чикаго.
Со Баерн ги освои сите можни трофеи (осум титули во Бундес лигата, седум во Купот на Германија и по една во Лига купот, Суперкупот, Лигата на шампионите и Светското првенство за клубови).
За Германија одиграл 121 натпревар, постигнал 24 гола, а круна на репрезентативната кариера е светската титула во 2014 година.