Норвешка ќе мора да состави целосно нов тим со фудбалери надвор од земјата за мечот од Лигата на нации против Австрија во среда, по откажувањето на мечот со Романија поради позитивен тест на КОВИД-19 во репрезентацијата.
Норвежаните не отпатуваа за Романија за денешниот меч во Лига Б откако владата им забрани да патуваат, иако позитивниот тест не беше пречка според протоколите на УЕФА.
„Националниот тим е во карантин и ние сме стриктни околу тоа. Тоа е темелот на нашите мерки, за да не имаме стриктни карантини како во другите земји. Ако им дадевме исклучок, тогаш не ги почитуваме мерките“, изјави норвешкиот премиер Ерна Солберг.
Норвешката фудбалска федерација сега потврди дека ќе составува „алтернативен“ втор тим од фудбалери кои играат надвор од Норвешка и кои не беа повикани во кампот, како ѕвездите Ерлинг Халанд и Мартин Одегард. Норвешка е во група со Австрија и Северна Ирска и со победа ќе осигураат влез во Лига А и дополнителна шанса за пласман на СП во Катар во 2022 (слично како што Македонија успеа да се квалификува на ЕП во 2021).