Тотенхем никако да ја прекинат серијата на лоши резултати во Премиер лигата. Спарс попладнево загубија во Саутмептон 2:1. На последните четири натпревари играчите на Тотенхем освоија само еден бод. Најдобриот меч го одиграа Њукасл и Евертон, во кој домаќинот се врати по негативата од два гола и забележа победа.
Тотенхем до пред четири кола беше во трката по шампионската титула, а по поразот од Саутемптон влегува во борба со Манчестер Јунајтед, Арсенал и Челси за местата што водат во Лигата на шампионите.
Хари Кејн му донесе водство на Тотенхем во 26 минута, а домашиот тим добрата игра во второто полувреме ја круниса со головите на Валери во 76 и Ворд-Праус во 81 минута. Овие двајца играчи беа стрелци за Саутемптон и минатиот викенд во поразот од Манчестер Јунајтед 3:2.
Тотенхем се трети на табелата со 61 бод, три повеќе од Манчестер Јунајтед, четири од Арсенал и пет од Челси. Јунајтед и Арсенал имаат натпревар, а Челси два натпревари помалку од Тотенхем.
Евертон имаше одлично прво и катастрофално второ полувреме во Њукасл. Калверт-Лувин го постигна првиот гол за гостите во 18 минута, потоа Ричи не реализира пенал за Њукасл, а Ришарлисон со 11 гол во сезоната им донесе предност од два гола на „карамелите“.
Рондон го намали резултатот во 65 минута, а целосен пресврт Њукасл направија со головите што во 81 и 84 минута ги постигна Перез.
На останатите натпревари Лестер ги победија Фулам со 3:1, Каристал Палас загубија од Брајтон 1:2, Кардиф го изненадија Вест Хем со 2:0, а Борнмут победија со ист резултат кај Хадесфилд.
Инаку во Лестер, пред домашната публика дебитираше новиот менаџер Брендон Роџерс, а Џејми Варди ги постигна 100 и 101 гол во дресот на „лисиците“.