Top Sport

Нова истрага против Јувентус – Покрената е аферата ’Агентополи’

Торински Јувентус се најде под уште една истрага. Бјанконерите сега се обвинети дека плаќале менаџери кои немале никаква врска со трансферите кои клубот ги финализирал. Аферата е наречена „Агентополи“.

Најголемиот италијански клуб Јувентус се најде во нова афера. Аферата „Агентополи“ беше издвоена од истрагата „Призма“ за финансиски малверзации во клубот.

Јувентус е обвинет за сомнителни плаќања на фудбалски менаџери. Наводно им плаќале пари за трансфери во кои не учествувале.

Истрагата открила неколку такви зделки. Менаџерите биле претставени како посредници во трансферите со кои немале врска и им биле исплатени големи провизии.

Меѓу имињата споменати во документите се познати италијански менаџери како Давиде Липи, Габриеле Џуфрида, Џузепе Гали, Винченцо Морабито, Микеле Фиораванти и Тулио Тинти.

Менаџерите до крајот на денот ќе треба да се обратат до Здружението на менаџерите за да ја објаснат нивната улога во оваа афера.

Да потсетиме, поради финансиски малверзации за време на пандемијата, клубот од Торино минатата сезона остана без 10 бода и поради тоа не успеа да се пласира во Лигата на шампионите.

Јувентус доби казна со одземање бодови откако во акцијата „Призма“ беше откриено дека имало финансиски малверзации и тајни плаќања на играчите за време на пандемијата на коронавирус.

Поради ова санкции кон клубот одреди и УЕФА. Поради финансиските малверзации Јувентус беше исфрлен од Конференциската лига.

Foto/ EPA

Scroll to Top