Алекс Окслејд-Чембрлен (26) одреден период нема да биде во тимот на Ливерпул поради повреда. Популарниот Окс се повреди во финалниот меч на Светското клупско првенство, во кој Ливерпул по продолженијата го совладаа Фламенго со 1:0.
Окслејд-Чембрлен во второто полувреме мораше да биде заменет откако остана да лежи на тревата.
Ливерпул, во вторникот, открија дека Окс ги повредил лигаментите во десното стапало. Клупските лекари не откриле колкав ќе биде периодот на рехабилитација. Сигурно е дека тој ќе пропушти дуелите што Ливерпул ќе ги одиграат оваа недела со Лестер и Вулверхемптон.
Окс низ кариерата нема среќа со повредите, поради повредата на коленото тој речиси воопшто не играше минатата сезона.
Во досегашниот тек од сезоната во која Ливерпул атакуваат на титулата во Премиер лигата и го бранат трофејот во Лигата на шампионите тој одиграл 21 натпревар и постигнал пет гола.