Приказната за новото елитно фудбалско натпреварување во Европа, Суперлига, повторно станува актуелна. Пред две години, УЕФА, со притисоци ја угужи идејата за основање на Суперлигата, од која никогаш не се откажаа Реал, Барселона и Јувентус.
Суперлигата сега има нова визија со дури 80 екипи во повеќелигашки систем, изјави извршниот директор на натпреварувањето.
Лигата би се базирала на спортските резултати, без постојани членови, изјави Бернд Рајхарт за германскиот весник „Ди Велт“.
Екипите би имале загарантиран минимум 14 натпревари во сезоната, а главниот спонзор излезе со предлог за ваков формат по консултации со речиси 50 европски клубови од октомври минатата година, кои заеднички развија десет основни принципи.
Станува збор за компанија „А22 Спорт Менаџмент“, која го поддржа оригиналниот план на Суперлигата од 2021 година, кој предвидуваше затворен систем контролиран од 12 клубови, кој наиде на жестока реакција кај фудбалската јавност.
„Основите на европскиот фудбал се во опасност да пропаднат. Време е за промена. Клубовите се тие кои го носат претприемачкиот ризик во фудбалот. Но, кога се носат важни одлуки, тие премногу често се принудени да седат на страна додека околу нив се рушат спортските и финансиските темели“, напиша Рајхарт.
„Нашите дискусии јасно покажаа дека често не е можно клубовите јавно да зборуваат против системот кој користи закана со санкции за да ја спречи опозицијата. Нашиот дијалог беше отворен, искрен, конструктивен и резултираше со јасни идеи за тоа какви промени се потребни и како тие можат да се спроведат. Има многу да се направи и ќе продолжиме со нашиот дијалог“.
Рајхарт тврди дека А22 го оспори правото на УЕФА и ФИФА да го блокираат формирањето на Суперлигата и да ги санкционираат ривалските клубови пред судовите, тврдејќи дека раководните тела ја злоупотребуваат доминантната позиција според законот на ЕУ за натпреварување.
Тој исто така тврди дека Суперлигата ќе биде отворено натпреварување, со квалификации преку настап на национално ниво, а сите нејзини тимови ќе се натпреваруваат во нивните домашни лиги.
Тие национални лиги ќе останат „темелот“ на спортот, вели Рајхарт, кој тврди дека Суперлигата ќе генерира нови приходи за поддршка на целата натпреварувачка пирамида.
Гаранцијата од 14 натпревари, вели Рајчарт, ќе обезбеди „стабилност и предвидливост“ на приходите.
Рајчарт ги прикажува плановите за мерки за контрола на трошоците, велејќи дека клубовите треба да трошат само фиксен процент од својот годишен фудбалски приход на платите на играчите и нето трансферите.
„Клупските трошоци мора да се засноваат исклучиво на генерирани средства, а не на капитални инфузии што ја нарушуваат конкуренцијата“, напиша Рајхарт.