Иако „Ел класико“, славниот дуел на Барселона и Реал Мадрид веќе еднаш беше откажан и презакажан за 18 декември, сега од Каталонија доаѓаат нови вести за закани по безбедноста, поради кои мечот повторно може да биде одложен.
„Цунами демократик“, една од групациите кои бараат каталонска независност, најавија дека ќе ги блокираат улиците околу „Ноу Камп“, со над 18.000 потпишани во иницијативата. Ова значи дека никој не може да ја гарантира безбедноста на навивачите и на фудбалерите на само осум дена пред дербито.
Организацијата ги повика своите поддржувачи да се појават на улиците во 16 часот, четири часа пред стартот на мечот. Од Реал Мадрид засега има реакција дека само ако се гарантира безбедно пристигнување на стадионот од хотелот „Принцеза Софија“ на само 600 метри од стадионот, нема потреба за одложување.
Првично мечот беше одложен бидејќи дојде по затворските казни кои ги добија организаторите на каталонскиот референдум за независност пред две години.
Покрај ова, „Марка“ јавува дека на саботниот меч на Барселона со Мајорка имало уште еден проблем со безбедноста – во текот на мечот на стадионот се појавил дрон, кој потоа бил соборен од обезбедувањето на стадионот.