Top Sport

Новиот претседател на ФС на Шпанија јавно призна дека е навивач на Реал

Новиот претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Рафаел Лусан, призна дека е навивач на Реал Мадрид.

Лусан беше избран за нов претседател минатата недела, а една од првите обврски му беше патувањето во Доха, да го гледа натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Пачука во финалето на Интерконтиненталниот куп.

Шпанскиот весник „Спорт“ ја пренесе изјавата на Лусан од Доха во која тој изразил воодушевување од претседателот на Реал, Флорентино Перез.

„Ќе се обидам да се сретнам со претседателот Флорентино во Доха и во исто време да му се ставам целосно на располагање. Го познавам долги години, му се восхитувам на способноста и начинот на кој го води клубот, сите ние што навиваме за Реал Мадрид сме многу задоволни од тоа како раководи со овој голем клуб“, изјави Лусан.

Тој додаде дека фудбалскиот клуб Реал Мадрид е „најдобриот амбасадор на Шпанија во светот“.

Лусан доби четиригодишен мандат, но го чека исходот од претстојниот судски спор.

Тој може да се соочи со седумгодишна суспензија од сите позиции во шпанскиот фудбал, поради обвинувања за измама додека беше член на Советот на Понтеведра.

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, исто така е навивач на Реал Мадрид, но во последно време често влегува во расправии со челниците на клубот.

Ќе биде интересно да се слушнат реакциите од Барселона, најголемиот ривал на Реал, кој постојано е во конфликт со челниците на Ла Лига поради судиите за кои се вели дека го „туркаат“ мадридскиот тим.

Scroll to Top