Откако го направи трансферот од Манчестер сити во Арсенал за првпат да стане главен тренер на својот поранешен клуб, Микел Артета му се заблагодари на Пеп Гвардиола и призна дека од него научил да биде „безмилосен и постојан“.
37-годишниот Артета му беше помошник на Гвардиола последните три сезони на „Етихад“, освојувајќи две титули од Премиер лигата, два Лига купа и ФА куп со Сити. Сега, тој планира да ги извлече најдобрите поуки од Гвардиола и да го „препороди“ Арсенал.
„Што научив? Најмногу да бидам безмилосен, постојан и секој ден да се обидувам да наметнам победнички менталитет во клубот. Да се оддржи тоа ниво е уште потешко, така што секој ден е важен, секој збор е важен. Пеп работи неверојатно и знае да ги инспирира луѓето, но за мене тајната е да наметнеш другите да имаат доверба во тебе. Кога сте тим, обединети, тогаш ќе бидете силни“, вели Артета.
Тој вели дека нема проблем со Гвардиола и со Сити, иако имаше некои несогласувања за начинот на кој тој замина.
„Имам одлични односи со Пеп. Секако, тој беше тажен што заминувам, бидејќи тајмингот не беше најдобар, но ме разбра. Знае дека раснам како тренер и дека емоционално сум поврзан со Арсенал. Си кажавме збогум со тимот, плачев, бидејќи тие беа мое семејство три и пол години“, додава Артета.