Тотенхем на 1 јуни на прекрасниот храм на фудбалот „Ванда метрополитано“ во Мадрид ќе игра за својата прва европска титула, додека Ливерпул ќе игра за својата шеста круна во англиско финале, откако повторно бевме сведоци на фудбалско чудо.
Ова е епилогот на двете возбудливи и неизвесни полуфиналиња на Лигата на шампионите, каде што ако не го видовме најквалитетното што фудбалот може да го понуди, тогаш барем беше највозбудливото.
Откако во вторникот Ливерпул со 4:0 ја „прегази“ Барселона во „ремонтада“ каква што не сме виделе, Тотенхем, предводен од хет-трикот на Лукас Моура стигна до финалето во уште еден неверојатен кам-бек.
А изгледаше толку едноставно – Ајакс во првите 35 минути направи предност од 2:0, со која веќе се видоа во финалето, бидејќи првиот меч во Лондон го добија со 1:0. 19-годишниот капитен Матијс де Лихт со глава уште во петтата минута го совлада Иго Љорис откако беше оставен „сам“ во шестнаесетникот, а Хаким Зијеш во 35. минута покажа дека има „опасна“ левица, со прекрасен „вртен гол“. Да, Тотенхем играа подобро, и Хеунг-Мин Сон имаше удар во стативата, но исходот изгледаше предвидлив.
Но, така не мислеше Бразилецот Лукас Моура, кој во 55. и 59. минута постигна два брзи гола за целосно да го смени мечот. Сега, еден гол во мрежата на „копјаниците“ го носеше тимот на Маурисио Почетино во големото финале, а рамнотежата веднаш се премести на половината на домашниот тим. Ајакс беше во целосна дефанзива, но сепак, беше опасен, како во 79. минута кога Зијеш ја погоди стативата.
Во 85. минута, повторно супер-шанса за Тотенхем. Јан Фертонген, фудбалерот кој беше неизвесен за мечот по повредата на носот која ја доби во првиот натпревар, со глава од пет метри ја погоди само гредата, со малку помош на голманот Онана. Кога сите беа во шестнаесетникот на Ајакс, заедно со голманот Љорис, Лукас Моура го комплетираше хет-трикот за апсолутно неверојатен финиш на мечот.