Селекторот на Србија Славољуб Муслин нема да ја предводи репрезентацијата на Мундијалот во Русија, а отказот му е подготвен уште пред одигрувањето на натпреварот од претпоследното коло во квалификацискиот циклус, со Австрија во Виена, пишуваат српските медиуми.
Шпекулациите дека селекторот кој по осум години пауза ја врати Србија на едно големо натпреварување ќе биде сменет, ги подгреа и присуството на Драган Стојковиќ Пикси на натпреварот во Виена.
Наводно на Муслин му забележуваат дека репрезентацијата игра премногу дефанзивно и дека е неефикасна, иако во квалификацискиот циклус постигна 20 голови. Исто така многумина не се согласуваат со селекторот во националниот тим да не го повикува Сергеј Милинковиќ-Савиќ кој блеска во дресот на Лацио.
Иронично но Муслин кој сега е на одмор во Ница синоќа го гледал дуелот помеѓу истоимениот домаќин и Лацио во Лига Европа, во кој Милинковиќ-Савиќ постигна два гола и имаше една асистенција.
Ваквите шпекулации засега никој од Фудбалскиот сојуз на Србија не ги коментира, а во јавноста го нема ниту потенцијалниот селектор Пикси кој има цврст четиригодишен договор со кинескиот суперлигаш Гвангжу.
Весникот „Новости“ објави дека доколку Муслин добие отказ, истата судбина ќе ја доживее и директорот на репрезентацијата Горан Бињевчевиќ, а како негова замена се наметнува актуелниот потпретседател на Сојузот Саво Милошевиќ.