Њукасл ја забележа најубедливата победа сезонава во Премиер лигата. „Страчките“, вчера во Шефилд го победија Јунајтед со 8:0.
Интересно, на натпреварот од 6. коло осум играчи ја погодија мрежата на Весли Фодерингам, кој беше најдобро оценет играч во тимот на Шефилд Јунајтед, бидејќи имаше седум успешни интервенции.
Никогаш досега во историјата на Премиер лигата не се одиграл натпревар со осум стрелци за една екипа.
Покрај тоа што Њукасл со оваа победа ја испиша историјата на Премиер лигата, тие ја израмнија и најголемата премиерлигашка победа во историјата. Во 1999 година, со истиот резултат го победија Шефилд Венздеј.
Шефилд испиша негативна историја. Никогаш во својата историја не загубил лигашки натпревар со 0:8, а токму тоа му се случи во неговиот 4988. настап. Исто така, Шефилд прими осум гола за прв пат по 1933 година, односно по поразот од Мидлсброу со 3:10.
Головите за Њукасл ги постигнаа Шон Лонгстаф (21. минута), Ден Бурн (31.), Свен Ботман (35.), Калум Вилсон (56.), Ентони Гордон (61.), Мигел Алмирон (68.), Бруно Гимараеш (73.) и Александар Исак (87. ).