Англискиот премиерлигаш Њукасл по цели 20 години повторно ќе игра во Лигата на шампионите, а раководството на клубот на менаџерот Еди Хау ќе му даде на располагање неверојатни 450 милиони евра за трошење во претстојниот летен преоден рок.
Познато е дека Њукасл има ултра богати сопственици и дека само небото е граница кога станува збор за тоа кој фудбалер можат да го доведат.
Како што пренесуваат медиуми на Островот, Њукасл нема да биде скржав или срамежлив во овој преоден рок бидејќи сака да прави големи работи следната сезона.
На врвот на листата на желби на Еди Хау е капитенот на Тотенхем, Хари Кејн, кој речиси сигурно ќе го напушти клубот на крајот од сезоната. Тој има уште една година од договорот со Тотенхем и се чини дека конечно дојде време за промена на клубот.
Иако имаат многу добри напаѓачи во Калум Вилсон и Александар Исак, Хау сака во својот тим да го донесе и феноменалниот Кејн.
Второто засилување на листата е Бразилецот Нејмар. Иако се зборуваше дека немаат пари за него, јасно е дека сопствениците на клубот можат да го доведат доколку навистина тоа го сакаат. На долгата листа на желби се и Жоао Феликс, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Чуквуезе, Рајан Гравенберч, Џејмс Медисон, Еберечи Езе, Муса Дијаби, Мохамед Кудус и Доминик Шобошлаи.