Top Sport

Обамејанг им донесе европско финале на Арсенал, Челси и Ајнтрахт ќе играат продолженија (видео)

Арсенал се пласираше во своето прво европско финале од 2006 година, откако ја доби „престрелката“ со Валенсија со 4:2 победа на „Месталја“, а да дознаеме дали ќе имаме англиско финале во Лига Европа, ќе почекаме, бидејќи Челси и Ајнтрахт одиграа 1:1, идентичен резултат од Франкфурт, по што следуваат продолженија.

Тимот на Унаи Емери отпатува во Валенсија, каде што тренерот се судри со својот поранешен клуб, со убава предност од 3:1 од првиот меч, но прими гол по само 11 минути игра, кога Кевин Гамеиро беше прецизен за „лилјаците“. Сепак, Пјер-Емерик Обамејанг постигна прекрасен гол само шест минути подоцна да израмни на 1:1, по што во второто полувреме „топчиите“ дојдоа до предност преку Александер Лаказет во 50. минута.

Надежта на Валенсија за прва европска титула од 2004 (кога го освоија УЕФА купот), ги подгреа повторно Гамеиро со гол во 58. минута, но Обамејанг во 69. минута повторно ги донесе гостите во водство, пред во 89. минута да го комплетира хет-трикот за конечни 2:4.

За Арсенал ова ќе биде шанса да се освои трофеј во првата сезона со Унаи Емери на чело на клубот и да се намали „болката“ од тоа што нивните најголеми ривали Тотенхем ќе го играат големото европско финале од Лигата на шампионите против Ливерпул.

Челси пак, ќе мора да се потруди за да обезбеди целосна англиска доминација во европските купови, откако упорните Ајнтрахт успеаја да извлечат 1:1 по 90 минути на „Стемфорд бриџ“. Рубен Лофтус-Чик им донесе предност на „сините“ во 28. минута, но српската сензација Лука Јовиќ на стартот на второто полувреме во 49. минута успеа да го совлада Кепа за израмнување.

Scroll to Top