Капитенот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг се извини на навивачите на „топчиите“ по елиминацијата од Вилјареал во полуфиналето на Лига Европа, откако на домашен терен не успеаја да дадат гол при 0:0 ремито, признавајќи дека фановите морале да се соочат со „многу тешка сезона“.
Обамејанг вели дека сите во тимот биле очајни да спасат трофеј во катастрофалната сезона 2020/21 за Арсенал.
„Кога имавме шанси, среќата не беше на нашата страна, еднаш ја погодив пречката, а потоа имав уште една шанса. Сите сме вознемирени што испаднавме во полуфиналето, за нас, за клубот, и пред се за вас навивачите. Ова беше толку тешка сезона за сите навивачи на Арсенал и очајнички сакавме да ви дадеме нешто позитивно оваа сезона. Жал ми е што не успеавме во тоа“, вели Обамејанг.
Менаџерот Микел Артета ги крена надежите на фановите во северен Лондон откако во првите осум месеци на клупата ја донесе титулата од ФА купот и Комјунити шилдот, но сега на четири меча пред крајот, Арсенал се на 10. место на табелата и првпат по 25 години нема да играат во европските купови.