Пјер-Емерик Обамејанг постигна два гола за да помогне Арсенал да стигне до импресивна победа над Лестер во понеделникот навечер, по што реши да се почести со нов автомобил – „ЛаФерари“, еден од најпосакуваните спортски автомобили на светот, со вредност од над 1 милион евра.
Напаѓачот од Габон на Инстаграм едноставно напиша „добро утро“, по 10-тата победа во низа на Арсенал под новиот тренер Унаи Емери. „ЛаФерари“ е лимитирана верзија на хибриден спортски автомобил на Ферари и изработени се само 499 од овие автомобили, кои беа распродадени уште пред да бидат достапни.
Автомобилот користи технологија од Ф1 болидот на Ферари со 6.3 литарски В12 мотор кој развива 950 коњски сили и има максимална брзина од 365 км/ч. Забрзувањето до 100 километри го постигнува за под 3 секунди. Вакви автомобили имаат и Ф1 шампионот Луис Хамилтон (иако вози Мерцедес во Ф1), поп-ѕвездата Џастин Бибер и славниот готвач Гордон Ремзи.
Обамејанг е познат како колекционер на скапи автомобили, кои ги пренесе од Германија кога потпиша за лондонскиот клуб од Борусија Дортмунд.