Top Sport

Обамејанг: Прашајте го бордот на Арсенал зошто немам нов договор

 Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг вели дека вината за ситуацијата со неговиот договор е кај бордот на клубот, порачувајќи им да си „ја завршат работата“ ако сакаат да остане во северен Лондон.

30-годишниот Обамејанг, кој постигна 17 гола во 26 меча во Премиер лигата оваа сезона, има договор до следното лето, што значи дека ќе може да почне да преговара за трансфер веќе во јануари. Но, очекувањата во Англија се дека Арсенал ќе мораат да го продадат ова лето ако не успеат да договорат продолжување, со Барселона и Пари Сен-Жермен како два заинтересирани клуба. Обамејанг вели дека вината е кај клубот.

„Јас не сум добил предлог во последно време, но продолжуваме со преговорите кои траат веќе неколку месеци. Бордот знае зошто ништо не се случи досега. Тие го имаат клучот и треба да ја завршат својата работа. Ова е пресвртница во мојата кариера и да бидам искрен, ќе биде тешко да се донесе одлука. Но, уште не сум ја направил“, вели Обамејанг за францускиот „Телефут“.

Обамејанг пристигна во Арсенал во јануари 2018 година и има 49 гола во 75 настапи во Премиер лигата, или вкупно 61 гол во 97 меча.

Scroll to Top