Top Sport

Облак сака да замине од Атлетико, Манчестер јунајтед се први фаворити

Голманот Јан Облак сака да замине од Атлетико Мадрид поради „прекршените ветувања“, и Манчестер јунајтед се први фаворити за неговиот потпис, тврди „ЕСПН“.

Словенечкиот голман неодамна изјави дека е разочаран од трансфер-политиката на Атлетико, откако Антоан Гризман потврди дека ќе си замине од тимот (најверојатно во Барселона), а на излезна врата се и Диего Годин, Лукас Ернандез, Филипе Луис и Хуанфран.

„Ќе останам во Атлетико додека ги делиме амбициите. Сигурен сум дека клубот ќе направи сè што може да донесе квалитетни фудбалери. Кога го потпишав новиот договор ми дадоа гаранции за амбициите на клубот“, изјави Облак.

Според „ЕСПН“ и покрај тоа што во април потпиша нов четиригодишен договор, 26-годишниот голман ќе замине од клубот, и тоа во Манчестер јунајтед, кои се подготвуваат да го продадат Давид де Хеа. Облак претходно има изјавено дека е навивач на „ѓаволите“, а минатата сезона импресионираше со најмногу меча без примен гол (27) во петте најдобри европски лиги.

Scroll to Top