Top Sport

Од германската федерација признаа дека можеа и „подобро“ со Озил

Претседателот на Германската фудбалска федерација (ДФБ), Рајнхард Гриндел во неделата призна дека требал да му даде поголема поддршка на Месут Озил кога фудбалерот со турско потекло бил мета на „расистички напади“.

29-годишниот Озил се повлече од репрезентацијата по фијаското на СП во Русија, велејќи дека е „издвоен и напаѓан“ само поради неговото потекло, нешто што отвори голема дискусија во Германија. Дел од неговите соиграчи го нападнаа велејќи дека никогаш немало расистички истапи во репрезентацијата.

Озил во писмото со кое се повлече посочи дека ДФБ и Гриндел не го поддржале во ситуацијата со фотографијата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Гриндел во интервју со „Билд“ признава дека требал поинаку да „ракува“ со работите.

„Требаше појасно да се поставам по расистичките напади од дел од јавноста и требаше да застанам пред Месут Озил. Такви напади се неприфатливи и требаше тоа јасно да го кажам. Жал ми е што тој чувствува дека е разочаран од ДФБ“, вели Гриндел.

Гриндел, кој е на чело на ДФБ од 2016 година вели дека никогаш не го обвинил Озил за слабата игра во Русија, каде што Германија испадна во групната фаза.

„Секогаш ми беше јасно дека победуваме и губиме заедно. Никогаш не префрлав вина на еден фудбалер“, вели Гриндел, кој посочи дека не размислува да поднесе оставка.

Scroll to Top