Репрезентацијата на Србија не успеа да се пласира на Европското првенство откако во одлучувачкиот меч на пенали во Белград загубија од Шкотска. На финалето на баражот во Лигата на нации меѓу „орлите“ го немаше капитенот Александар Коларов.
Најновата информација која ја лиферуваат српските медиуми е дека на 3 часа пред мечот од неговиот клуб – Интер му забраниле да го игра мечот, иако досега познато беше дека поради повреда Коларов не настапи на овој важен меч. Неговото место во дефанзивата го зазема Немања Гудељ.
Србија со денови пред фиалниот дуел воигрувала одбрана со три стопери меѓу кои и Коларов, а тој успеал без никаков проблем да одработи неколку тренинзи.
Сепак, наводно одлуката на „Нероазурите“ била донесена, Коларов не сакал да влегува во судир со новиот клуб од каде што зема плата, па на крајот селекторот морал да ја менува стартната постава.
Сега се поставува прашањето дали 35-годишниот дефанзивец ја завршил репрезентативната кариера ако се знае дека веднаш по мечот со Шкотска тој се вратил во Милано и нема да биде во комбинација за утрешниот дуел против Унгарија.
Освен Коларов, утре во составот на Србија ќе ги нема ниту Душан Влаховиќ и Никола Миленковиќ.