Судот за спортска арбитража (ЦАС) ја одби жалбата на Сантос во врска со трансферот на Нејмар во Барселона. Бразилецот на „Ноу камп“ од Сантос пристигна во 2013 година.
Сантос во 2015 година случајот го пријави во ФИФА. Тогаш бразилскиот клуб бараше дополнителни 61.295.000 евра на име на компензација, бидејќи Барселона на таткото на Нејмар и на семејната компанија „N&N“ пред да биде официјализиран трансферот им уплатила 57.000.000 евра.
„ЦАС утврдил дека договорот помеѓу Сантос и Нејмар бил спогодбено раскинат и дека Барселона не прекршила никаков договор во реализацијата на трансферот кога на таткото на фудбалерот и семејната компанија им уплатила дополнителна сума. Барселона не направила никава измама кога потпиала преддоговор со Нејмар, ниту кога го договорила трансферот со Сантос“, стои во соопштението што го објави Барселона.
Судот за спортска арбитража му наложи на Сантос да ги плати трошоците во износ од 20.000 швајцарски франци.
Трансферот на Нејмар во Барселона предизвика многу правни проблеми, заврши и пред Врховниот суд на Шпанија. Истрагата која беше спроведена резултираше со оставка на тогашниот претседател на клубот Сандро Росел, кој беше најзаслужниот што трансферот беше реализиран.
Бразилецот четири сезони мина во Барселона, а потоа за рекордни 222 милиони евра се пресели во Пари Сен Жермен.