Top Sport

Одлично одбележување на „стотката“ на Пандев со лесна победа над Летонија (видео)

Македонија ги започна квалификациите за Европското првенство во фудбал во 2020 година на најдобар можен начин, откако иако резултатот од 3:1 не го кажува тоа, во доминантен меч ја победи Летонија одбележувајќи го на совршен начин јубилејниот 100. натпревар на капитенот Горан Пандев, кој иако не постигна гол, беше клучен во двата гола за Македонија.

Првиот гол падна уште во 11. минута, кога токму Пандев ја „истрча“ одбраната на гостите за да го пронајде Езѓан Алиоски, и фудбалерот на Лидс јунајтед ја искористи слабата интервенција на голманот за водство.

Нападите продолжија и по постигнатиот гол, а во 22. минута, Елиф Елмас го замени повредениот Ферхан Хасани, и младиот фудбалер на Фенербахче го постигна својот прв гол во националниот дрес, откако налета на одбиената топка по ударот на Илија Несторовски.

Иако беше јасно дека противникот не е дораснат на македонската репрезентација, нашите репрезентативци покажаа фантастична игра под селекторот Игор Ангеловски и имаа доволно шанси да постигнат барем уште два-три гола. Од другата страна, Столе Димитриевски беше одличен на нашиот гол, спречувајќи Летонците да изненадат. Пандев неколку пати беше во изгледни позиции за гол, но на крајот беше заменет во 71. минута од мечот. За да не биде толку „совршено“ се погрижи Вјачеслав Исајевс, кој во 87. минута по слободен удар на гостите, успеа да го совлада Димитриевски за нервозен финиш на мечот. Кога се мислеше дека е крај, Летонците добија црвен картон, а во 92. минута, Елмас ги постави конечните 3:1.

Победата убаво изгледа, но нема време за опуштање, бидејќи веќе в недела на „Стожице“ во Љубљана гостуваме на Словенија, која одигра 1:1 на гостувањето кај Израел. Полска, првиот фаворит во нашата група Г, стигна до важна 1:0 победа на гостувањето кај Австрија благодарение на новата ѕвезда на Милан, Кшиштоф Пјонтек.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРО 2020, ГРУПА Г

Австрија – Полска 0:1

Македонија – Летонија 3:1

Израел – Словенија 1:1

Фото: ЕПА

Фото: ЕПА

Scroll to Top