Актуелниот претседател на Француската фудбалска федерација (ФФФ), Ноел Ле Грае, нема легитимитет да остане на чело на организацијата, бидејќи неговиот стил на управување и однесување кон жените се „неспоиви“ со извршувањето на неговите должности, стои владината ревизија која ја изврши Генералниот инспекторат за образование, спорт и истражување.
Ле Грае (81) моментално е под судска истрага за наводно „сексуално и морално малтретирање“, а пријавата ја поднела Соња Суид, менаџерка на неколку француски репрезентативки.
Ревизијата на Генералниот инспекторат за образование, спорт и истражување заклучи дека однесувањето на Ле Грае кон жените е несоодветно.
„Мисијата смета дека господинот Ле Грае веќе го нема потребниот легитимитет да раководи и да го претставува францускиот фудбал“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Извештајот, исто така, го критикуваше начинот на кој Ле Грае го водел ФФФ, додавајќи дека тоа е „многу централизирано извршување на функцијата“.
Ле Грае, кој минатиот месец беше критикуван за непочитување на легендарниот играч и тренер Зинедин Зидан, се согласи да се повлече привремено од функцијата, во очекување на целосна проверка на наодите од ревизијата од страна на Извршниот комитет на асоцијацијата.
За претседател на ФФФ привремено беше назначен поранешниот потпретседател Филип Диало.