Фудбалската федерација на Македонија денеска соопшти дека Управниот одбор на ова тело одлучил Игор Ангеловски да ја предводи Македонија на Европското првенство кое ќе се одржи летово. Претходниот договор што Ангеловски го имаше со ФФМ истече на последниот ден од 2020 година.
Претседател на Федерацијата, Муамед Сејдини изјави дека се договорени сите детали во врска со новиот договор на Ангеловски.
„Како што ветивме пред јавноста за нашиот прв избор за селектор, денеска потврдуваме дека го продолжуваме патот кон успехот. Со Игор лесно се договоривме за сите детали околу продолжување на соработката бидејќи и кај него и кај нас владееше позитивно расположение успехот што го направивме да го продолжиме заедно. Ние сме професионалци и знаеме дека добрите резултати даваат поголема шанса за задржување на некоја позиција. Горди сме на сѐ што направивме како репрезентација и федерацијата ќе продолжи да обезбедува најдобри услови за работа, како што впрочем беше и досега. Селекторот со својот стручен штаб во одлична атмосфера сега треба да се подготвуваат за квалификациите за Светското првенство и Европскиот шампионат. Сите ние посакуваме да нѐ поведат кон нови успеси. Верувам дека Македонија ќе го покаже вистинското лице и праќам апел до целата нација и сите навивачи да бидеме сложни и да покажеме единство. Пласманот на Европското првенство е сон за секое дете, а фудбалерите сега имаат исклучителен мотив за нови победи. Сега треба да помогнеме сите, на било кој начин, а потоа ќе зборуваме за нашиот пласман на ЕУРО 2020 и колку тоа значи за иднината на македонскиот фудбал“ – изјави Муамед Сејдини.
Ангеловски, кој е на селекторската позиција од 2015 година, изрази благодарност за довербата и најави нови успеси со репрезентацијата.