Среде Буенос Аирес, главниот град на Аргентина, се појави огромен мурал со ликот на легендарниот фудбалер Диего Армандо Марадона, во дресот на националниот тим.
Муралот, висок 45 метри и широк 40 метри, насликан на 14-катница во Буенос Аирес, е еден од неколкуте со кои Аргентинците му оддадоа почит на нивниот фудбалски „бог“ непосредно пред почетокот на овогодинешното Светско првенство во Катар, прво од смртта на Марадона на 25. ноември 2020 година
Се паметат подвизите и поразите на Марадона како играч во националниот тим, од познатите голови против Англија пред да го освои Светското првенство во 1986 година, до неуспешното финале против Германија четири години подоцна и позитивниот допинг тест поради кој доби суспензија на Светско првенство во 1994 година.
Познатиот уличен уметник Мартин Рон стои зад најголемиот мурал на светот, инспириран од фотографијата на тогашниот капитен на Аргентина, која го доловува неговиот израз непосредно пред да ја отпее националната химна пред финалето на Светското првенство во 1990 година. Тоа финале Аргентина го загуби од Западна Германија со 1:0.
„Оваа фотографија доловува се што бил Диего. Покрај тоа што тој беше фудбалер, тој беше храброста, моторот и срцето на националниот тим“, изјави Рон за АП.
„Неговото отсуство ќе се почувствува, Диего секогаш беше ѕвезда. На сите светски првенства го правеше своето, на теренот или надвор од него. За жал, тоа нема да биде во Катар“, додаде тој.
Муралот на Рон беше официјално откриен во недела на 30. октомври, на роденденот на легендарниот фудбалер.
На почетокот на оваа година, аргентинската фудбалска асоцијација го доби оригиналниот дрес што го носеше Марадона во финалето на Светското првенство во 1986 година. Тоа беше подарок од германскиот великан Лотар Матеус кој ги замени дресовите со Марадона во финалето во кое Аргентина победи со 3:2 во Мексико сити.
Овој подарок од Матеус беше на некој начин компензација за Аргентина откако не успеаја да победат на аукцијата за дресот што го носеше Марадона во четврт-финалето против Англија на тој шампионат. Непознат понудувач го купи тој дрес на аукција во мај за рекордни девет милиони евра.
Марадона својот последен натпревар на Светско првенство го одигра во 1994 година против Нигерија во групната фаза. По победата од 2:1 на тој натпревар, тој беше суспендиран на 15 месеци поради позитивен допинг тест.
Како селектор на Аргентина, Марадона ја предводеше репрезентацијата до четвртфиналето на Светското првенство во Јужна Африка 2010 година, но тимот загуби со 4:0 од Германија.
Една од највознемирувачките слики се појави осум години подоцна на Светското првенство во Русија во 2018 година, кога дезориентиран Марадона колабираше на стадионот во Санкт Петербург по победата над Нигерија.
Марадона почина на 60-годишна возраст од срцев удар во својот дом додека се опоравуваше од операција на мозокот. Правосудните органи ја продолжуваат истрагата дали се работи за лекарско невнимание.
„Недоволно. Сликата на Диего беше и е многу силна. Тој беше нашиот капитен, наше се. Се надеваме дека ќе може да биде наша ѕвезда водилка на Светското првенство во Катар“, изјави Карлос Тапија, еден од членовите на шампионскиот тим од 1986 година.