Фудбалскиот клуб Олимпија од Љубљана има намера да направи најголемиот трансфер во историјата на словенечката лига. „Ekipa.si“, објави дека Олимпија е многу блиску до ангажман на македонскиот репрезентативец, Димитар Митровски (26). За најдобриот играч и стрелец на Вараждин во минатата сезона, Олимпија е подготвена да плати еден милион евра отштета. Доколку трансферот биде реализиран, тоа ќе биде апсолутен рекорд во словенскиот фудбал.
Досега, највисоката сума што Олимпија ја плати за играч беше 800.000 евра за Блесинг Елеке. Спортскиот директор Горан Боромиша го означил Митровски како главна цел во летниот преоден рок, а средствата за трансферот клубот ги обезбеди со продажбите на Марсел Ратник, Раул Флоруч, Матевж Видовшек и Петер Агба.
Митровски пристигна во Вараждин во 2023 година и многу брзо стана клучен играч на клубот. Оваа сезона во СуперСпорт ХНЛ, тој постигна осум гола и запиша една асистенција во 28 натпревари, а вкупно, во дресот на Вараждин, постигна 13 гола и додаде три асистенции во 71 натпревар. Неговите настапи беа една од главните причини што Вараждин ја заврши сезоната на четвртото место и ги освои европските квалификации.
На крајот од сезоната, тој беше избран во идеалниот тим на хрватското првенство.