Фудбалскиот гигант Баерн Минхен од вчера воведе револуционерен начин на трениерање. Тренингот на првиот тим, поради коронавирусот, се одвивал „он-лајн“.
Фудбалерите на Баерн една недела седат во своите домови, не доаѓаат во тренинг-центарот поради пандемијата што ја предизвика коронавирусот. Поради тоа од вчера клубот воведе „сајбер-тренинзи“, кои ќе се водат од тренинг центарот додека играчите се во своите домови.
Тренерот задолжен за физичка подготовка на фудбалерите Холгер Бројх рекол дека играчите добиле специјални часовници кои им го мерат пулсот и работата на срцето. Следејќи ги тие податоци тренерите имаат точни податоци колку време поминал тренирајќи секој фудбалер.
„Играчите не се на теренот туку се на мониторот. Бараме од нив еднаква прецизност и дисциплина. Вчера додека трениравме видео-врската траеше долго, играчите разговараа. Поради тоа видео-тренингот е важен во колективниот живот во овој период“, рекол Бројх.
Инаку Баерн во Бундеслигата се лидери со четири, односно пет поени повеќе од Борусија Дортмунд и Лајпциг.