Поранешниот играч на Ленс и белгиски репрезентативец Лоис Опенда ќе потпише петгодишен договор со Лајпциг, пренесува германски Кикер. Германскиот клуб се согласи да му плати на Ленс отштета од 38 милиони евра плус бонуси.
Германските медиуми потсетуваат дека ова е најголемиот трансфер на Лајпциг во клупската историја.
Претходниот рекорд го држеше Доминик Собослај, за кого клубот на Салцбург му плати 36 милиони евра.
Белгискиот фудбалер до крајот на неделата ќе пристигне во Лајпциг каде по лекарските прегледи ќе биде претставен како петто засилување на германскиот клуб во летниот преоден рок.
Тој треба да го замени Кристофер Нкунку кој се пресели во Челзи.
Опенда (23) минатата сезона одигра 42 натпревари за Ленс и постигна 21 гол во сите натпреварувања. Лајпциг следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.