Организаторите на европската Суперлига не се откажуваа од ова натпреварување. Откако во април идејата им пропадна под притисок на јавноста, навивачите и институциите, тие подготвувале нов концепт.
Германскиот „Алемајне цајтунг“, пишува дека се подготвувале промени во системот на натпреварување за да може Суперлигата да биде алтернатива за Лигата на шампиони.
Според овој извор, има промена во идејата Суперлигата да биде затворена само за одредени клубови. Новиот концепт предвидува Суперлига со 20 клубови, со можност да биде организирано и друго натпреварување со исто така 20 клубови. Сите учесници во овие натпреварувања би продолжиле да се натпреваруваат во националните шампионати.
Новинарите на „Алемајне цавтунг“ кои наводно имале увид во документот, пишуваат дека покрај измените во натпреварувачкиот систем во него се критикуваат натпреварите чии организатор е УЕФА. Документот е насочен кон Европската комисија и Европскиот парламент.
Европскиот суд на првадата, наредната година, треба да донесе одлука дали УЕФА може да има монопол врз организацијата на европските клупски натпревари. Претходно овој Суд, по спорот помеѓу ФИБА Европа и Евролигата, пресуди дека може да има неколку различни кошаркарски натпреварувања.
Кога пропадна проектот, од Суперлигата не се откажаа Реал, Барселона и Јувентус. Тие сметаат дека во Лигата на шампионите нема доволно квалитетни натпревари, односно дека најквалитетните натпревари се играат во финишот на сезоната.
Тие ја обвинија УЕФА дека не го поттикнува интересот на младите генерации, што предизвикува пад на гледаноста.