Роман Абрамович по 15 години решил да го продаде фудбалскиот клуб Челси. Рускиот тајкун сака да се заштити од евентуалните санкции на САД, а откако Велика Британија одби да му издаде дозвола за престој, решил да го продаде клубот.
Абрамович веќе одбил една понуда од 2,3 милијарди фунти. Медиумите пренесоа дека истата ја испратил најбогатиот Англичанец сер Џим Ретклиф.
Според шпекулациите интерес за Челси покажал и еден од најбогатите луѓе во светот, еден од основачите на „Мајкрософт“, Пол Ален. Богатството на Ален е проценето на 20,5 милијарди долари.
Ален е сопственик на две франшизи во американскиот спорт, Портланд во НБА лигата и Сиетл во НФЛ лигата.
Преговорите со Ален, во САД ги водел пријателот на Абрамович, познатиот менаџер Пини Захави.
Роман Абрамович го купи Челси за 140 милиони фунти во 2003 година и успеа од клубот да створи европски гигант, кој ја освои титулата во Лигата на шампионите. Вкупно во ерата на Абрамович Челси освои 16 трофеи, меѓу кои пет во Премиер лигата.
Русинот досега во клубот вложил 1,1 милијарди фунти.