Жалбата со која Манчестер сити се обиделе да ја запрат истрагата на УЕФА за наводното кршење на финансискиот фер-плеј, во петокот не била усвоена од Судот за арбитража во спортот (ЦАС).
УЕФА на почетокот на годината покрена истрага поради наводните финансиски неправилности во работењето на Сити. Истрагата е покрената по обвинувањата што ги изнесоа новинарите на германскиот весник „Дер Шпигел“.
Весникот објави податоци од „Фудбал ликс“, во кои се тврди дека Сити ги прекршиле правилата во најголем дел од спонзорските договори.
Челниците на Манчестер сити ја оспориле автентичноста на документите, поради што испратиле жалба во Лозана. Судот како „неприфатлива“ ја отфрлил жалбата.
Кога ќе заврши истрагата УЕФА ќе ја донесе пресудата. Таа одлука Сити ќе имаат право да ја обжалат.
Претходно се шпекулираше дека Манчестер сити можат да бидат исфрлени од Лигата на шампионите.