Мечот од последното шесто коло од А лигата во Лигата на нации меѓу Швајцарија и Украина кој требаше да се одигра вечерва од 20.45 е откажан. Причина се проблемите со вирусот Ковид 19. Ова е второ откажување на меч од Лигата на нации по дуелот Романија – Норвешка, и тоа поради опасниот вирус.
Здравствените проблеми кај гостинската селекција го оневозможија одигрувањето на мечот во Луцерн. Дури 6 фудбалери во селекцијата на Украина биле позитивни на коронавирус, па целата делегација била сместена во изолација, по налог на швајцарските здравствени власти.
Инаку овој меч требаше директно да одлучува за тоа која селекција ќе избори опстанок во Лига А, па поради тоа ќе биде интересно да се види одлуката на УЕФА за тоа кога и дали воопшто ќе биде одигран овој дуел.
Доколку Европската куќа на фудбалот одлучи победата службено со 3-0 да и припадне на Швајцарија, тогаш Украина ќе мора да се пресели во Лига Б.