Немилата случка во финишот на мечот Македонија-Австрија, во која Марко Арнаутовиќ упати навреди на национална основа кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски се тема на сите светски медиуми, како и неговото извинување (на македонски и албански јазик), и тврдењето дека не е расист.
Арнаутовиќ секогаш бил познат по својот темперамент на теренот, и дел од австриските медиуми тврдат дека тој бил налутен од прашањето на Алиоски „зошто не игра за Србија“, но сепак, ова не е првпат Австриецот со српско потекло (татко му е Србин, мајка му Австријка), да се најде на удар за сличен прекршок.
Во 2009 година, Арнаутовиќ, тогаш фудбалер на холандскиот Твенте, беше обвинет од дефанзивецот на Вилем Втори од Сиера Леоне, Ибрахим Каргбо, дека го нарекол погрден збор за црнци. Твенте тогаш стигна до 2:0 победа (а Арнаутовиќ беше стрелец на еден гол). Тогаш Арнаутовиќ помина без казна.
Останува да се види дали сега УЕФА ќе поведе дисциплинска постапка против Арнаутовиќ, откако и Фудбалската федерација на Македонија побара таква казна за австрискиот репрезентативец.
Арнаутовиќ се извини, но тврди дека не го навредил расистички Алиоски