Директорот на фудбал на Ајакс, Марк Овермарс ги потврди преговорите за соработка со Барселона според кои, повеќе фудбалери од Барселона ќе играат како позајмени во холандскиот клуб, но посочи дека тоа не значи дека Ајакс ќе биде „расадник на таленти“ за каталонскиот гигант.
Двата клуба беа поврзани со повеќе трансфери во последните сезони – Бојан Кркиќ дојде во Ајакс на позјамица во 2013/14, додека Јаспер Силесен и Френки де Јонг направија трансфери во Каталонија. Матијас де Лихт е последниот талент на Ајакс кој е поврзуван со трансфер на „Ноу камп“.
Овермарс, поранешниот фудбалер на Арсенал, сакаше да ги убеди фановите на Ајакс дека холандскиот клуб ќе остане на својата политика да го негува талентот преку сопствената академија.
„Знаете дека сме во добри односи со Барселона, а тие сакаат да видат дали можат да позајмуваат фудбалери кај нас. Секако, нема да добиваме премногу играчи од Барселона, бидејќи не сме само огранок на нивниот клуб. Имаме таленти во нашата академија, а тука се работи за малку постари фудбалери, кои бараат шанса. Плановите уште не се утврдени“, вели Овермарс.