Месут Озил останува во Арсенал барем уште три и пол години, откако се потврдија најавите и тој реши да остане во тимот од северен Лондон.
29-годишниот германски репрезентативец преку Твитер потврди дека има нов договор во „најважната“ одлука во кариерата.
„Ова е еден од најважните моменти во мојата фудбалска кариера и затоа морав добро да размислам и да разговарам со сите кои ми се важни. За добрите работи е потребно време и на крајот оставив срцето да одлучи. Како што кажував секогаш, се чувствувам како дома во Арсенал и сакам да оствариме големи работи во следните години. Еднаш топчија, секогаш топчија“, напиша Озил, чиј договор завршуваше на крајот на сезоната.
Според британските медиуми, Германецот со турско потекло ќе заработува 350.000 фунти неделно, со што ќе биде најдоброплатениот играч на Арсенал. Тој дојде во северен Лондон од Реал Мадрид во 2013 година за тогашен клупски рекорд од 42.5 милиони фунти. Во кариерата, Озил има 182 настапи за Арсенал, 36 гола и 61 асистенции.
Потврдата доаѓа откако во зимскиот преоден рок, Арсенал го продаде Алексис Санчез, но го засили нападот со Пјер-Емерик Обамејанг.
YA GUNNERS YA… @MESUTOZIL1088 IS STAYING ✍️https://t.co/3W71oTYMwP
— Arsenal FC (@Arsenal) February 1, 2018